РЕФОРМИ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ Квалитет наместо квантитет

Спроведените контроли резултираа со затворање на 14 приватни научни институти и еден приватен факултет поради нерегуларности и непостапување по инспекциски забелешки.

РЕФОРМИ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ Квалитет наместо квантитет
Фото: Национал

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на Првиот годишен форум за квалитет во високото образование, кој го организираше Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, истакна дека подобрувањето на високото образование мора да биде континуиран процес, заснован на европските стандарди и реалните потреби на пазарот на трудот и општеството.

„Важно е не само да зборуваме за квалитетот, туку и да преземаме конкретни активности за негово унапредување“, нагласи министерката, додавајќи дека модерното образование треба да подготвува студенти кои ќе бидат конкурентни и приспособливи во динамичниот глобален контекст.

Јаневска посочи дека Владата е свесна за итноста од реформирање на високото образование и веќе работи на нови законски решенија за високо образование и научноистражувачка дејност.

„Законите сами по себе не можат да го подигнат универзитетот на Шангајската листа, но ако академската заедница активно учествува во нивното креирање и ги почитува, можеме заеднички да изградиме поквалитетен систем“, рече таа.

Како конкретни чекори, Јаневска ги наведе мерките за зголемување на научната продуктивност и интеграција на македонската академска заедница во меѓународниот истражувачки простор. Од оваа година, научните бази Web of Science и Scopus се бесплатно достапни за професорите, научниците и студентите на јавните универзитети. Буџетот за наука е зголемен од 380 на 680 милиони денари, а преку три јавни повици се распределени 374 милиони денари за научноистражувачки проекти на јавните универзитети, МАНУ и дел од бизнис-заедницата. Истовремено, платите на универзитетските професори од јануари се зголемени за 14%.

Министерката подвлече дека „експанзијата на академскиот простор донесе квантитет, но не и квалитет“. Спроведените контроли резултираа со затворање на 14 приватни научни институти и еден приватен факултет поради нерегуларности и непостапување по инспекциски забелешки. Таа најави дека контролите ќе продолжат континуирано, како дел од пошироката реформа на Агенцијата за квалитет на високото образование и подготовките за формирање на првиот државен научно-технолошки парк во земјата.

„Владата и Министерството можат да бидат силен партнер, но без ангажман, иновативност и решителност на самите универзитети, не може да изградиме квалитетен и препознатлив систем“, истакна Јаневска.

Таа ги повика универзитетите да ги забрзаат реформите, да ги модернизираат студиските програми и да соработуваат со други универзитети преку заеднички програми и двојни дипломи, со цел студентите да стекнат глобални знаења и перспективи.

CATEGORIES
Share This