БОЖИНОВСКА ПОРАЧУВА – Нема да има проблем со гасот, ќе се најде европско решение
Советот на ЕУ вчера усвои заедничка позиција за Предлог-регулативата за постепено прекинување на увозот на руски енергенси

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави дека не очекува проблеми во снабдувањето со гас по најавата за забрана на увоз на руски енергенси, откако Советот на ЕУ постигна договор за преговарачката позиција на земјите членки за Предлог-регулативата.
Таа појасни дека Македонија до 2027 година треба да го заврши гасоводот со Грција и дека на европско ниво ќе се бараат алтернативни решенија.
„Тоа се однесува на краткорочните договори, а бидејќи забраната стапува на сила од 1 јануари 2027 година, верувам дека ќе има подобрувања. За долгорочните договори нема промени. Македонија троши околу 500 илјади кубни метри гас, што е мала количина. До 2027 година очекуваме гасоводот со Грција да биде готов и не очекувам проблеми, бидејќи решенијата ќе се бараат на ниво на ЕУ. Сите земји кои ќе бидат погодени ќе добијат алтернативи – истакна Божиновска.
Таа додаде дека дури и во случај гасоводот да не биде готов, а терминалот во Александрополис да не функционира, државата нема да остане без гас.
„Ќе има европско решение, никој нема да нè остави без гас. Македонија е мала потрошувачка во споредба со остатокот од Европа“ – рече министерката.
Божиновска потврди дека државата редовно ги плаќа фактурите за годишен закуп на капацитет во терминалот во Александрополис, иако тој сè уште не е во функција.
„Колку што знам, терминалот не работи, а ние уредно плаќаме 250.000 евра месечно. Договорот е склучен на 15 години и мора да се почитува. Поднесени се и кривични пријави, но засега нема информација дека нешто е процесуирано. Времето ќе покаже дали плаќаме за бадијала – рече таа, додавајќи дека правните служби работат на случајот, но договорот не може да се раскине според сегашните услови.
Советот на ЕУ вчера усвои заедничка позиција за Предлог-регулативата за постепено прекинување на увозот на руски енергенси. Според документот, од 1 јануари 2026 година ќе започне фазна забрана, а од 1 јануари 2028 година ќе следи целосна забрана за увоз на руски природен гас и течен природен гас (ЛНГ).
Во преодниот период, ќе биде дозволен увоз само за договори склучени пред 17 јуни 2025 година – до 17 јуни 2026 година за краткорочните, и до 1 јануари 2028 година за долгорочните договори.
Целта на регулативата е да се намали зависноста на Унијата од руските енергенси и да се спречи нивната употреба како средство за политички притисок.


