ИСТОРИСКИ НАЈМАЛА ИЗЛЕЗНОСТ – Четири партии што прогласија успех изгубија 200.000 гласови од последните избори

Овие избори ќе останат запаметени по историски најмалата излезност досега - само 45,65 отсто, односно под половина од запишаните избирачи

ИСТОРИСКИ НАЈМАЛА ИЗЛЕЗНОСТ – Четири партии што прогласија успех изгубија 200.000 гласови од последните избори
Фото: Принтскрин

Партиите ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ бележат значителен пад на поддршката во период од само година и пол, покажува споредбата меѓу резултатите од парламентарните избори во 2024 и локалните во 2025 година. Анализата на советничките листи по општини открива дека четирите партии заедно изгубиле речиси 200.000 гласа, по обработени 99,91 отсто од резултатите.

ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2024 таа освои 436.036 гласа, а на локалните доби поддршка од 301.799 гласачи – загуба од 134.237 гласа. СДСМ, пак, изгуби 30.387 гласа. Од 154.687 на парламентарните, нивниот резултат на локалните избори падна на 124.300. Движењето ЗНАМ забележа намалување на поддршката за 18.243 гласа – од 56.277 во 2024 на 38.034 оваа година. Левица загуби 12.376 гласа, освојувајќи 56.287 на локалните избори, наспроти 68.663 на парламентарните.

Намалувањето на поддршката се случува во услови на пониска излезност. Во 2024 година на парламентарните избори гласаа 995.793 граѓани, додека на локалните во 2025 година на гласање излегоа 884.038 лица.

Овие избори ќе останат запаметени по историски најмалата излезност досега – само 45,65 отсто, односно под половина од запишаните избирачи. Вториот круг за градоначалници ќе се одржи на 2 ноември.

CATEGORIES
TAGS
Share This