МАТЕО МЕКАЧИ ОД ОДИХР: Ги следиме сите фази на локалните избори а не само денот на изборите
Мекачи додаде дека мисијата е воспоставена многу пред денот на изборите, со распоредување на 24 долгорочни набљудувачи ширум државата, кои ги следат сите фази на изборниот процес.

Шефот на Мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР, Матео Мекачи, денеска изјави дека набљудувачите ги следат сите аспекти поврзани со изборите и нагласи дека важни не се само активностите на денот на гласање, туку и предизборните процеси, како и процесите по завршувањето на изборите.
Мекачи, кој денеска беше на избирачкото место во Основното училиште „Лирија“ во општина Чаир, истакна дека Мисијата брои 250 меѓународни набљудувачи, кои работат на територијата на целата земја.
„Ние сме тука како меѓународна набљудувачка мисија за да го следиме изборниот процес и да оцениме дали се спроведува според меѓународните стандарди. Ова гласачко место што го гледате зад нас е едно од многуте што ги набљудуваме. Нашата мисија опфаќа околу 250 набљудувачи на територијата на целата Република Северна Македонија“, рече тој.
Мекачи додаде дека мисијата е воспоставена многу пред денот на изборите, со распоредување на 24 долгорочни набљудувачи ширум државата, кои ги следат сите фази на изборниот процес.
„Како што истакнавме, важен не е само изборниот ден, туку и предизборните активности, како и процесите по завршувањето на изборите. Ние ги следиме сите аспекти поврзани со изборите, вклучувајќи ја регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансирањето на кампањите, пристапот до медиумите, гласањето, пребројувањето на гласовите и сè останато што е дел од изборниот процес, рече Мекачи.


