ФИФА НОСИ НЕСРЕЌА Милан останува без Пулишиќ и Рабио

Фудбалскиот клуб Милан се соочува со значителен удар поради повреди на двајца клучни играчи. Американскиот напаѓач Кристијан Пулишиќ, кој во последно време блескаше на терените, ќе биде надвор од игра најмалку десет дена. Според официјалното соопштение на клубот, „Магнетната резонанца покажа дека Пулишиќ претрпел полесна повреда на десниот бицепс феморис. Ќе му бидат направени дополнителни прегледи во рок од десет дена“. Ова значи дека Пулишиќ сигурно ќе ги пропушти следните два натпревари на Милан, против Фиорентина и Пиза.
Проблемите за Милан не завршуваат тука. Францускиот репрезентативец Адријан Рабио, исто така, се врати повреден, со повреда на листот. Според последните информации, Рабио ќе биде надвор од терените најмалку „десет дена“, но италијанските медиуми предвидуваат дека неговата пауза може да трае и до еден месец.
Во досегашниот тек на сезоната, Пулишиќ успеа да постигне четири гола и да забележи две асистенции во шест натпревари во Серија А. Милан, по шест одиграни кола, се наоѓа на третото место на табелата со 13 бода, два помалку од Наполи и Рома. Овие повреди, предизвикани за време на репрезентативниот период, се несакан ефект на ФИФА и значително ќе влијаат на амбициите на Милан во тековната сезона.


