ЕКС ОБВИНИТЕЛОТ ДИМОСКИ Им простувам, но ќе барам одговорност од ЈО

Со правосилната пресуда, поранешниот обвинител ја заврши тригодишната правна битка, но најави нова - против оние што, според него, стојат зад неговото гонење.

ЕКС ОБВИНИТЕЛОТ ДИМОСКИ Им простувам, но ќе барам одговорност од ЈО
Фото: Фејсбук

Поранешниот јавен обвинител од Охрид, а сега адвокат, Војо Димоски доби правосилна ослободителна пресуда по тригодишниот процес што го водеше ОЈО Струга. Тој беше обвинет за несовесно работење во службата и наводно намерно застарување на предмети поврзани со кражба на струја.

Димоски во повеќе наврати тврдеше дека станува збор за политички мотивиран прогон. Во времето пред поднесувањето на обвинението, беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ како кандидат за уставен судија, но неговата кандидатура не помина во Собранието.

Во денешна објава на Фејсбук, тој порача дека ќе поведе постапка против обвинителите што, како што вели, ја воделе хајката против него:

„Минатата недела добив Пресуда со која е потврдена ослободителната од Основниот суд. Правосилно е ставена точка на трогодишната нарачана хајка. Обвинителот кој го застапуваше обвинението, од почеток до крај не разбра за што ме товари. И Вишото обвинителство во Битола двапати застана зад неговите жалби, но и тие не разбраа. Сепак, немам лутина и на сите им проштевам“, напиша Димоски.

Тој додаде дека сепак ќе ги искористи сите законски механизми за, како што истакна, „дислокација“ на обвинителите кои учествувале во постапката.

Димоски потсети и на почетоците на случајот, кога за неговото обвинение прво дознале медиумите:

„Телефонски ме побара новинарка од ‘Фокус’ со прашање дали е точно дека ЈО поднело обвинение. Кога проверив во судската писарница ми рекоа дека обвинение нема, а судот ми јави дури три часа подоцна дека навистина го примиле. Не сакам да верувам дека новинарката беше брифирана однапред.“

Тој нагласи дека самиот се бранел на судењата, без ангажман на колеги, бидејќи немал доверба во локалните адвокати.

„Истиот ден бев осуден, не од судот, туку од медиумите кои до детаљ го цитираа обвинението. Но знаев од каков материјал сум направен и верував во исходот,“ додава Димоски.

Со правосилната пресуда, поранешниот обвинител ја заврши тригодишната правна битка, но најави нова – против оние што, според него, стојат зад неговото гонење.

CATEGORIES
Share This