ПЛЕЈОФ ВО КОШАРКА ЗАПОЧНУВА ИДНИОТ ВИКЕНД: Познати се сите двојки за четвртфиналето
Плејофот треба да почне идниот викенд, а во сите три рунди од него се игра до три победи
По вечерашните натпревари, се знаат сите двојки за првата фаза од плејофот во Првата македонска кошаркарска лига.

Двата денешни дуели директно решаваа за изгледот на табелата, па до вчера се знаеше само дека во првата рунда од разигрувањето за титулата ќе се сретнат ТФТ и Чаир. Феникс го освои осмото место откако го победи Шкупи, па освен што обезбеди опстанок, си закажа дуел со актуелниот шампион МЗТ Скопје.
Меѓу првите осум екипи има три ситуации на израмнет биланс. ТФТ го освои второто место Работнички и покрај тоа што двата тима имаат идентичен скор (15/7) затоа што во двата дуели го победи составот од Градски парк. Кожув е пред Пелистер (13/9) поради победата од 19 разлика на домашен терен по поразот од пет поени во Битола. Чаир, пак, е пред Феникс поради двете победи на градскиот ривал.
Плејофот треба да почне идниот викенд, а во сите три рунди од него се игра до три победи. Во плејаутот ќе се борат Тиквеш, Шкупи, Гостивар и Вардар со тоа што „црвено-црните“ немаат шанси за опстанок.


