СОСТОЈБА НА ПАТИШАТА Сообраќајот се одвива непречено, возете внимателно

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по суви коловози, со умерен интензитет на движење на возилата надвор од градските средини. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од земјата, информираат од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Во сила е времен режим на сообраќај на патниот правец Велес – Тетово и обратно, на потегот меѓу клучките Волково и Кондово. Делницата е целосно затворена поради градежни работи, а движењето се одвива двонасочно во должина од околу 300 метри во правецот Тетово – Велес. Оваа измена ќе трае во наредните четири месеци.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и зголемено внимание, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност за одрони. Најризични делници и денеска остануваат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица останува отворен за сообраќај за возила со тежина до 3,5 тони.
Во тек се повеќе градежни активности низ државата. На државниот пат А2, обиколницата околу Скопје, во близина на подпатникот кај километар 21+840, „Виадукт Трејд“ изведува санација на потпорни ѕидови, при што е воведен изменет режим на сообраќај во траење од четири месеци. На експресниот пат Крива Паланка – Страцин, во близина на селото Петралица, се одвива регулација на сообраќајот со знаменца во текот на денот, а ноќе со семафори.
На повеќе делници се изведуваат и санации на мостови, свлечишта и други инфраструктурни зафати – меѓу нив на мостот „Здуње“ на реката Вардар, на патот Гостивар – Стража, како и на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, каде што е воведен времен режим на сообраќај до завршување на активностите.
АМСМ ги потсетува возачите дека е потребна зголемена внимателност при возење и навремено информирање за состојбата на патиштата пред тргнување на подолги релации.


