НЕОЧЕКУВАН ПРЕСВРТ ОД МОСКВА – Русија подготвена да попушти за Украина
Тој додаде дека Русија е подготвена да ги прифати идеите што биле разгледувани на самитот во Алјаска

Русија е подготвена да преземе конкретни чекори за решавање на украинскиот конфликт, изјави за „Комерсант“ Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател Владимир Путин, по средбата на лидерите на Русија и САД, Путин и Доналд Трамп, во Анкориџ.
„Подготвени сме за извесни отстапки. Тие чекори, иако ги нарекуваме отстапки, се условени од одговорот што Американците треба да го добијат од Европејците и Украинците“, рече Ушаков, нагласувајќи дека Путин е подготвен да дејствува врз основа на тоа.
Според него, Трамп во голема мера ја разбрал суштината на проблемот и покажал разбирање за ситуацијата.
Ушаков посочи дека не е време јавно да се изнесуваат детали за можните отстапки, но потврди дека понатамошниот напредок ќе зависи од конкретните чекори на САД во однос на Европа и Киев, со цел постигнатиот договор на самитот да биде прифатен и поддржан во поширокиот западен блок.
Тој додаде дека Русија е подготвена да ги прифати идеите што биле разгледувани на самитот во Алјаска.
„Од американска страна постои подготвеност да се спроведе она за што се согласија претседателите, а нашата подготвеност е да се усогласиме со тие идеи. Подготвени сме да го прифатиме тоа – и тоа е од големо значење!“, изјави Ушаков.


