AMD ЌЕ ГО СНАБДУВА OPENAI СО ЧИПОВИ ЗА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА – Соработката ќе му донесе на АМД повеќе од 100 милијарди долари
Според договорот, AMD ќе испорача стотици илјади графички чипови Instinct MI450 со вкупна моќност од 6 гигавати, почнувајќи од втората половина на 2026 година.

Американскиот производител на процесори AMD објави дека постигнал договор за долгорочно снабдување со чипови за вештачка интелигенција за компанијата OpenAI, сопственик на ChatGPT.
Според договорот, AMD ќе испорача стотици илјади графички чипови Instinct MI450 со вкупна моќност од 6 гигавати, почнувајќи од втората половина на 2026 година. Првиот пакет од еден гигават ќе биде инсталиран во нов центар за податоци на OpenAI во текот на следната година.
Договорот вклучува и опција за OpenAI да купи до 10% од сопственичкиот удел на AMD, преку 160 милиони акции по симболична цена, распределени во неколку транши што ќе се активираат со исполнување на технолошките цели.
AMD очекува соработката да ѝ донесе приходи од повеќе од 100 милијарди долари во наредните четири години, не само од OpenAI, туку и од нови клиенти во секторот за вештачка интелигенција.
Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, оцени дека партнерството ќе овозможи создавање на сопствена инфраструктура за напредна вештачка интелигенција, доволна за идните потреби на компанијата.


