АПЕЛАЦИЈА ОДЛУЧУВА Дали Васил Јованов ќе добие помала или поголема казна?
Дуковски посочи дека при изрекувањето на првостепената пресуда не смееле да се земат предвид други постапки кои сè уште не биле правосилни, ниту известувања за прекршоци.

Пред Апелациониот суд во Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на пресудата со која Васил Јованов беше осуден на 12 години затвор за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, поради прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари оваа година на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Обвинителството побара зголемување на казната, а одбраната нејзино намалување или повторно судење.
На седницата присуствуваше и Јованов, кој повторно изрази каење и сочувство до семејството на загинатата.
„Голема грижа на совест имам за тоа што се случи и болката што ја предизвикав,“ рече обвинетиот.
Јавната обвинителка Фатиме Фетаи побара судот да ја уважи жалбата на Обвинителството и да изрече повисока казна, нагласувајќи дека Јованов „повторно седнал зад волан без возачка дозвола, под дејство на алкохол и поминал на црвено“, што покажува, според неа, дека не се свестил за последиците од своите постапки. Таа додаде дека со оглед на зачестеноста на ваквите случаи, неопходно е казнената политика да се заостри.
Бранителот на Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, пак, побара намалување на казната, повикувајќи се на искреното признание на вина и каењето на неговиот клиент.
„Признанието на вина не се дава за интерес, туку како израз на свест и одговорност. Тоа треба да биде олеснителна околност,“ истакна тој.
Дуковски посочи дека при изрекувањето на првостепената пресуда не смееле да се земат предвид други постапки кои сè уште не биле правосилни, ниту известувања за прекршоци. Тој, исто така, се повика на случајот со Ангелчо Николов од Велес, кому Апелација му ја намалила казната на осум години иако имал потешки околности.
„Во Европа, за вакви дела максималната казна е околу осум години. Не може токму овој случај да биде пример за создавање нова судска пракса,“ додаде Дуковски.
Основниот кривичен суд Скопје на 13 мај годинава го осуди Јованов на 12 години затвор, петгодишна забрана за управување со возило и парична казна. Судот како олеснителни околности ги наведе признанието, каењето и младоста на обвинетиот, а како отежнителни – возење под дејство на алкохол, без дозвола, поминување на црвено и предизвикување смрт на пешак.
Дваесет и двегодишната Фросина Кулакова од Неготино загина на лице место на 29 јануари, откако беше прегазена додека поминувала на зелено светло на пешачки премин кај Универзалната сала во Скопје. Возачот, тогаш дваесетгодишниот Јованов, бил без возачка дозвола и под дејство на алкохол.
Апелациониот суд ќе ја соопшти одлуката по разгледување на сите жалби.


