ВЕНКО ПРОТИВ ФИЛИПЧЕ Избори без избор за претседател на СДСМ

Венко Филипче и никој друг, тоа е изборот на членовите на СДСМ за старо нов претседател на партијата. Според познавачите, на социјадемократите во моментов најмалку им се потребни внатрепартиските избори, туку потребна им е темелна реформа. Според новинарот и десничарскиот колумнист и аналитичар Бранко Героски, ваков СДСМ не може да биде сериозна закана за власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се надевам дека таму ќе се собере некакви сили, дека ќе се направи сериозна кадровска реформа, дека ќе се изнајдат нови луѓе подготвени да направат една идеолошка платформа, една поинаква активност на партијата, бидејќи во овој момент СДСМ е практично речиси изгубен, нема сериозна идеологија, не може конституира сериозен притисок врз власта“, вели Героски.
Според Героски голем проблем за партијата е и самото тоа што Филипче е единствениот кандидат.
„Тоа што е единствен кандидат е хендикеп само по себе, но многу поважно е дали на конгресот ќе гласаат значителен број членови, некаде околу 23 илјади се запишани на избирачкиот список, сега е многу важно тие да покажат активитет барем на денот кога бираат нов лидер. И потоа ќе биде важно, клучно важно партијата да се дигне од пепелта“, изјави Героски.
За внатрепартиските избори во СДСМ пријавени се 23.712 членови, што е многу помалку од претходните вакви циклуси, каде победи остварија прво Зоран Заев, па Димитар Ковачевски и пред неколку месеци актуелниот претседател Венко Филипче.


