ПАД НА КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ НА САД Сè поголем број граѓани доцнат со отплатата на долговите

Просечната FICO оценка, која служи како клучен индикатор за кредитната способност на потрошувачите во Соединетите Американски Држави, бележи значителен пад од два поени оваа година, достигнувајќи 715 поени. Ова е најголемото намалување од 2009 година, според последните извештаи на финансиската организација FICO. Иако главните индекси на американските берзи достигнуваат рекордни вредности, сè поголем број граѓани се соочуваат со проблеми при отплатата на автомобилските кредити, кредитните картички и личните заеми, објавува CNN.
FICO оценката, која се движи од 300 до 850 поени, е клучна за оценување на веројатноста на редовно отплаќање на долговите и ја користат речиси сите банки и финансиски институции во САД. Падот на кредитните рејтинзи продолжува втора година по ред и особено ги погодува помладите генерации. Генерацијата Z, на пример, бележи просечен пад од три поени, а дури 14 проценти од младите заемопримачи се соочуваат со влошување на рејтингот од 50 поени или повеќе во последната година.
Главните причини за овој тренд вклучуваат враќањето на отплатите на студентските кредити по паузата предизвикана од пандемијата, како и послабите изгледи за вработување на почетни позиции. Околу една третина од младите заемопримачи имаат заостанати отплати на студентските кредити, а заостанатите отплати на автомобилските кредити и потрошувачките кредити достигнуваат највисоки нивоа во последните 16 години.
И покрај историските максимуми на Вол Стрит, многу Американци чувствуваат притисок од зголемените трошоци за живот и високите каматни стапки. Аналитичарите предупредуваат дека актуелниот тренд е „повеќе во согласност со рецесијата отколку со економски раст“.


