МИЦКОСКИ НЕ ПАТУВА ВО ЊУЈОРК – Сиљановска-Давкова ќе зборува во ОН
Неофицијално, Мицкоски се повлекол од настапот поради презафатеност со подготовките за локалните избори.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и годинава ќе ја претставува Македонија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Иако според воспоставената практика редовно ротираат претседателот на државата и премиерот, овојпат премиерот Христијан Мицкоски повторно ќе го прескокне учеството.
Неофицијално, Мицкоски се повлекол од настапот поради презафатеност со подготовките за локалните избори.
„Присуството на Генералното собрание на ОН е момент кога државата се претставува на највисоко ниво, независно дали тоа е претседателот или премиерот,“ изјавила Сиљановска-Давкова за Слободен печат.
Иако ротирањето не е формално правило, досега се почитуваше како принцип. За време на мандатот на претходниот претседател Стево Пендаровски, оваа практика се применуваше редовно: во 2019 година во Њујорк беше премиерот, во 2020 – поради ковид-пандемијата – претседателот имаше видео-обраќање, во 2021 и 2023 година настапуваше претседателот, а во 2022 премиерот. Во 2024 година, според редот, требаше да оди новиот премиер Христијан Мицкоски, но тој се откажа, па државата ја претставуваше претседателката.
Оваа година сценариото повторно се повторува – Сиљановска-Давкова ќе се обрати пред Генералното собрание на ОН.


