КИНА СО ПОДДРШКА ЗА ДОМАШНАТА ИНДУСТРИЈА Ќе ја стимулира продажбата на нови автомобили

Државните власти во Кина објавија нова стратегија за зајакнување на домашната продажба на автомобили во следните две години, во услови на интензивна конкуренција и предизвици во извозот. Овој план предвидува забавување на растот на вкупната продажба на возила, со цел од три проценти во споредба со минатата година, што би значело вкупно 32,3 милиони продадени автомобили до 2025 година. Според податоците на Кинеското здружение на производители на автомобили, растот во 2023. и 2024. година изнесува 4,5 проценти.
Сепак, сегментот на „возила на нова енергија“ продолжува да покажува силен раст, со очекување дека продажбата ќе достигне 15,5 милиони единици до 2025 година, што е зголемување од речиси 20 проценти во однос на 2024 година. Планот, кој е поддржан од осум владини агенции, има за цел да ја зајакне контролата на трошоците и цените, како и да поттикне иновации и да ја поддржи домашната побарувачка, известува државната новинска агенција Синхуа.
Во последните години, кинеската влада вложи значителни средства во развојот на индустријата за електрични возила. Сепак, интензивната ценовна конкуренција доведе до банкрот на некои компании, бидејќи големите производители нудат евтини возила со атрактивни програми за замена на старите. На состанокот во јули, високи функционери повикаа на ограничување на „иррационалната конкуренција“ и на поттикнување на „здрав развој“ во овој сектор.
Кинеските производители на автомобили се соочуваат со предизвици при извозот, особено во Европската унија, која во 2023 година започна истрага за нивната нелојална конкуренција. Во меѓувреме, Мексико предизвика незадоволство во Пекинг со најавата за зголемување на царините на кинеските автомобили до 50 проценти, од сегашните 15 до 20 проценти.


