НЕМА ПРОМЕНА НА КОРМИЛОТО – Пешиќ ќе ја води Србија и понатаму

КСС потврди дека Пешиќ останува селектор, а тој лично негираше оставка

НЕМА ПРОМЕНА НА КОРМИЛОТО – Пешиќ ќе ја води Србија и понатаму
Фото: Принтскрин

Поразот на Србија од Финска во осминафиналето на Евробаскет 2025 отвори прашања за можни промени на селекторската позиција. Иако се појавија информации во српските медиуми дека раководството на Кошаркарскиот сојуз на Србија (КСС) го сменило Светислав Пешиќ и дека се водат преговори со Душан Алимпијевиќ, кој моментално има договор со турскиот тим Бешикташ, тоа наскоро беше демантирано.

КСС потврди дека Пешиќ останува селектор, а тој лично негираше оставка. Под негово водство, Србија во вториот мандат освои сребрен медал на Светското првенство во Манила и бронза на Олимписките игри во Париз. Во првиот мандат, пак, селекцијата освои злато на Светското првенство во Индијанаполис во 2002 година.

Од друга страна, Мирослав Николиќ, долгогодишен асистент на Александар Ѓорѓевиќ во кошаркарската репрезентација на Србија, смета дека единствено селекторот Светислав Пешиќ треба да сноси последици за разочарувачкиот настап на националниот тим на Евробаскетот.

Трофејниот тренер е шокиран од раната елиминација на Србија, еден од главните фаворити на турнирот, и нема сомнеж кој е одговорен.

„Ова се глупости, многу сум нервозен. Целата нација е разочарана. Селекторот Пешиќ треба да ја преземе одговорноста и да поднесе оставка, иако неговиот договор истекува на крајот од месецот. Дали постои морал? До кога селекторите ќе добиваат големи суми за неколку месеци работа годишно, додека играчите настапуваат без надомест? А потоа, ако играчот не одговори на повикот, не е патриот. Мајсторе, па како?“ – изјави Николиќ за „Данас“.

Тој додава:

„Од професорот Александар Николиќ научив дека кога ќе победиш, победуваат играчите. Кога ќе загубиш, загубува тренерот. Тоа е суштината. Ќе видиме каде ќе оди нашата кошарка во следната година или две и дали овие играчи повторно ќе се вратат во репрезентацијата, особено Јокиќ и Богдановиќ.“

Николиќ, како асистент на Ѓорѓевиќ, освои сребрени медали на Светско и Европско првенство, како и на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.

CATEGORIES
Share This