ОД ДОХА ДО ОН – Катар го доведува Израел пред меѓународната правда
Во претходната реакција, Катар остро го осуди израелскиот напад, оценувајќи го како „драматично кршење на меѓународното право“ и закана за суверенитетот и безбедноста на земјата.

Министерството за надворешни работи на Катар соопшти дека земјата започнала правна постапка против Израел како одговор на нападот што се случи во Доха.
„Катар започна со преземање на сите потребни законски мерки против израелската агресија,“ изјави помошникот-министер за надворешни работи, Султан бин Саад ал-Мураики, на осмата министерска сесија на Стратешкиот дијалог Русија-Залив, одржана во Сочи.
Тој нагласи дека Катар, во партнерство со своите сојузници, ќе продолжи да ја брани меѓународната легитимност и правото на народите на самоопределување и достоинство.
„Бевме цел на израелска агресија што одзеде невини животи, спротивно на меѓународните норми,“ рече Ал-Мураики, додавајќи дека израелското однесување е „арогантно и неодговорно“ и ги поткопува напорите за мирно решавање на конфликтите.
Тој директно ја обвини владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за ескалацијата на тензиите и дестабилизацијата на регионот.
Советот за безбедност на Обединетите нации ќе одржи седница во четврток попладне за состојбата на Блискиот Исток, откако итниот состанок закажан за среда беше одложен на барање на Катар. Одложувањето, како што беше соопштено, било за да може премиерот шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани лично да присуствува.
Сесијата првично ја побараа Алжир и Пакистан.
Во претходната реакција, Катар остро го осуди израелскиот напад, оценувајќи го како „драматично кршење на меѓународното право“ и закана за суверенитетот и безбедноста на земјата.


