НОВО ПРИСЛУШКУВАЧКО СЦЕНАРИО ЈА ТРЕСЕ ДРЖАВАТА – Мицкоски меѓу жртвите

На 2 септември премиерот откри дека и самиот, како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со новинари, бизнисмени и јавни личности, бил жртва на незаконско следење.

НОВО ПРИСЛУШКУВАЧКО СЦЕНАРИО ЈА ТРЕСЕ ДРЖАВАТА – Мицкоски меѓу жртвите
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски во говорот на свечената академија по повод Денот на независноста се осврна на најновите наводи за незаконско прислушување и злоупотреби во безбедносниот систем. Тој порача дека мора да има одговорност и дека „оваа работа нема да се стави под тепих“.

„Прашањето е како да ги спречиме злоупотребите и да не се повтори истото. Одговорност мора да има. Сите материјали се предадени на обвинителството, иако довербата во нив е мала. Но, овој случај ќе го следиме одблиску, затоа што станува збор за опстојувањето на државата“, рече Мицкоски.

На 2 септември премиерот откри дека и самиот, како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со новинари, бизнисмени и јавни личности, бил жртва на незаконско следење. Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, веднаш ги негираше тврдењата и побара декласификација на документите.

На 29 август АНБ под водство на актуелниот директор Бојан Христовски достави три известувања до обвинителството, според кои од 2019 до 2024 година биле следени опозициски лидер, новинари, обвинител и поранешен министер. На 5 септември обвинителството започна увид во документацијата.

„Истата структура со години го злоупотребува системот, уништувајќи човечки судбини и изложувајќи ја државата на ризик. Јас лично видов материјали за мене и моето семејство. Ајде за мене, ама децата?!“ – истакна премиерот.

CATEGORIES
TAGS
Share This