НЕМА КОНТРОЛА ВРЗ АНБ Седницата стопирана поради „небезбедниот“ претседател Реџепи
Претседателското и потпретседателското место според договорот му припаднаа на албанскиот опозициски блок - Европскиот фронт предводен од ДУИ. Сепак, партијата свесно постави пратеници кои не можат да добијат безбедносен сертификат и не ги менува повеќе од година и пол.

Седницата на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање, која беше закажана за денеска во 11 часот, е одложена без образложение и не се знае кога ќе биде одржана.
Според првичната најава – која во меѓувреме е избришана од веб-страницата на Собранието единствена точка на дневен ред беше одлука за започнување контрола на АНБ, поради обвинувањата на нејзиниот директор Бојан Христовски и премиерот Христијан Мицкоски дека тој бил незаконски прислушуван. Овие тврдења беа веднаш демантирани од поранешното раководство на АНБ и од тогашниот владејачки СДСМ.
Седницата требаше да ја води пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, бидејќи претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, сè уште нема безбедносен сертификат од АНБ и практично не може да ја извршува функцијата. И неговиот заменик, Блерим Беџети од ДУИ, е во иста ситуација – ниту тој не поседува сертификат, поради што не може да закажува седници.
Неофицијално, седницата била стопирана токму поради „небезбедниот“ Реџепи. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, најпрво требало материјалите да му ги достави нему, а потоа тој да ја закаже седницата. Бидејќи овој пат документите директно ѝ биле предадени на Петровска, без да се мине преку Реџепи, тоа наводно предизвикало нов застој.
Ова ќе беше само трет состанок на Комисијата во новиот парламентарен состав. Таа е единствениот собраниски орган со мандат да врши контрола врз евентуалните злоупотреби на прислушувањето, но веќе подолго време е практично нефункционална.
Претседателското и потпретседателското место според договорот му припаднаа на албанскиот опозициски блок – Европскиот фронт предводен од ДУИ. Сепак, партијата свесно постави пратеници кои не можат да добијат безбедносен сертификат и не ги менува повеќе од година и пол. Со тоа, практично се остава АНБ без реална парламентарна контрола.


