АРТЕТА ПОД ПРИТИСОК – Дали ќе успее да ја освои титулата со новите засилувања?

Арсенал постигна значаен договор со Баер Леверкузен за доведување на дефанзивецот Пјер Инкапие, според информации од бројни релевантни извори. Еквадорецот ќе пристигне на позајмица до крајот на сезоната, со опција за откуп на договорот за 52 милиони евра, плус 10 проценти од следната продажба. Инкапие, кој има 23 години, пред две сезони ја освои Бундеслигата со Баер и досега има одиграно 166 натпревари за клубот, постигнувајќи седум гола и пет асистенции.
Како редовен репрезентативец на Еквадор, Инкапие има 46 настапи и три постигнати гола. Познат по својата агресивност, брзина и техничка сигурност, тој е лев дефанзивец кој може да игра и како лев бек. Неговите прецизни додавања и способноста за одржување висока линија на одбрана го прават одлично засилување за Арсенал.
Менаџерот Микел Артета сега располага со комплетен тим, и многумина се согласуваат дека нема да има оправдување ако не успее да ја освои титулата, особено со оглед на жестоката конкуренција во Премиер лигата. „Топџиите“ ја чекаат титулата од 2004 година. Пред Инкапие, Арсенал ги доведе и Еберечи Езе, Мартин Зубименди, Виктор Ѓокереш, Нони Мадуеке, Кристијан Москера, Кристијан Норгард и Кепа Аризабалага.
Сезоната во Премиер лигата за Арсенал започна одлично, со две победи, а утре во 17:30 часот ги очекува големо дерби против шампионот Ливерпул на гости.

