Униполаризмот или биполаризмот во меѓународните односи – Кој модел дава подобра шанса за светскиот мир?

Русија посакува повторно воспоставување на разбиената рамнотежа на сили за да ја добие улогата од времето на блоковската поделеност, односно, отворено покажува дека лесно е отпишана од позиција на супер сила и инсистира на повраќање на некогашната позиција на рамноправен партнер со САД.

Униполаризмот или биполаризмот во меѓународните односи – Кој модел дава подобра шанса за светскиот мир?

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Понеделник, 21 април 2025 година

На почеток да се заблагодарам на новиот портал „Национал“  да бидам еден од редовните колумнисти. Се надевам дека ќе го задржам вниманието на интересни теми за меѓународното право и односи, безбедноста и политиката.Првата колумна е извадок, односно скратена верзија од мојот труд насловен како „Униполарниот и биполарниот модел на моќ во меѓународните односи и светскиот мир“, објавен во 2015 година во Меѓународното списание на научни трудови: VI-International Scientific Conference: International Dialogue East-West. Станува збор за текст, пишуван пред 10 години, но многу актуелен денес, поврзано со глобалните промени после изборната победа на Доналд Трамп.

Кон крајот на осматта деценија на минатиот век, баукот на антикомунизмот, олицетворен во нов концепт на Нов светски поредок промовиран од САД, успешно ја финализира сопствената мисија на терминатор на полувековниот период на Студената војна помеѓу САД и СССР.

Во 25-годишната посткомунистичка традиција се виде дека овој американски концепт, всушност, бил замислен да обезбеди челно место на САД, на што се спротиставува Русија, во обидот да ја врати позицијата на супер сила.

Рушењето на Берлинскиот sид на 9 ноември 1989 го симболизира крајот на еден систем означен како Студената војна кој почиваше на биполарна структура на моќ, по што најмоќна сила остана САД, додека Русија ослабена се повлече од глобалната  сцена во националните граници.                                              

Истовремено, за новонастанатите геополитички услови се лансираа серија термини како ерата на постстудена војна, перестројка, нов систем на меѓународни односи и слично.                     

Согласно ова, тогашниот американски претседател Џорџ Буш во почетокот на 90-тите години од минатиот век изјави дека со падот на комунизмот започнува ера на Нов светски поредок заснован на идејата за мир, стабилност, благосостојба,  демократија, слободен економски натпревар меѓу државите.

Така изгледаше новиот поредок проектиран од САД со врвен приоритет-мирот и благосостојбата во светот. Но, произлезе дека ова е само теорија.

Новиот униполарен поредок требаше на САД да и обезбеди челно место како „светски команден мост„ со право тие да одлучуваат за светските процеси иако и денеска актуелни се истите причини поради кои уште пред седум века Пјер Дибоа вели дека ниту едно разумно суштество не може да поверува дека еден човек/држава може да владее со светот и доколку се појават такви тенденции тогаш ќе има војни и револуции без крај.

САД како најмоќна земја по распадот на социјалистичките/комунистичките држави кои така се нарекуваа беа исправени пред предизвикот да изнајдат прифатлива мерка во своето однесување во интерес на мирот. Според мене, пожелно беше да балансира меѓу одамна кажаното од Тукидид дека силните го прават она што мораат и кажаното од Пјер Дибоа дека е лудост да се верува дека една земја може да го владее светот.                      

САД го направија спротивното, односно, преземаа чекори кои продуцираа(т) сериозно нарушување на меѓународната безбедност. Тенденцијата на САД да биде унилатерален регулатор на светските процеси наидува на отпор кај Русија со оглед на нејзината растечка моќ. Впрочем, претседателот на Русија, Владимир Путин, отворено вели: „Со еден збор, не гледам причина што би го спречувало развојот на соработката меѓу Русија и САД, но, повторувам, само под услов да се однесуваат кон нас како рамноправен партнер„.

Русија посакува повторно воспоставување на разбиената рамнотежа на сили за да ја добие улогата од времето на блоковската поделеност, односно, отворено покажува дека лесно е отпишана од позиција на супер сила и инсистира на повраќање на некогашната позиција на рамноправен партнер со САД.          

Според мене, биполарниот модел на организација на моќта кој е во фаза на етаблирање со оглед на растечката моќ на Русија и враќањето на позициите на супер сила, во меѓународни рамки дава подобри шанси за мир. Овој модел овозможува спротиставување на  униполарната доминација на САД, која, пак, го загрозува суверенитетот на одделни држави, како и меѓународниот систем во целина.

Во услови на приближно подеднакава моќ на САД и Русија, се намалуваат шансите за агресивни акции на еден доминантен центар или во случај такви акции да се преземат, се намалуваат шансите за нивниот успех.

Биполарниот систем воспоставен од Русија и САД треба да оневозможи една држава, или група држави, да воспостави универзална хегемонија. Затоа, од аспект на меѓународната безбедност е порационално, кога на сила и се спротиставува сила,  отколку кога на сила и се спротиставува немоќ.                                                                               

Впрочем, поучен е примерот по Втората светска војна, кога се појави биполарна рамнотежа на силите меѓу САД и СССР. Стравот дека биполарниот карактер на моќта во меѓународните односи ќе доведе до војна се покажа како неоправдан, односно, и покрај разликите и блоковската поделеност, сепак, еквилибриумот на суперсилите се одржа приближно половина век.

Се разбира, не мала улога имаше воспоставената „рамнотежа на страв„ од нуклеарно разорување на планетата Земја, меѓу двата центри на моќ.

Оттука, сметам дека за човештвото е посакуван актуелниот повратен процес на повторно воспоставување на старата рамнотежа на силите помеѓу САД и Русија. Се чини дека повторниот биполаризам на моќта помеѓу САД и Русија ќе доведе до поголема сигурност во времето што доаѓа.                                              

Додаток

Така сум пишувал пред 10 години. Победата на Доналд Трамп го потврди напишаното. Дотолку повеќе, во интервју од 7 ноември 2024, пред да биде избран за државен секретар на САД, директна потврда за напишаното даде и Марко Рубио кој рече дека повеќедеценискиот период на неприкосновеност, доминација на САД по распадот на Советскиот Сојуз е завршен и е заменет со нова ера слична на Студената војна. Со други зборови, сегашниот државен секретар на САД, Рубио, директно обзнани крај на униполаризмот на САД и нова ера во светските односи.

CATEGORIES
Share This