ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА КОНЦЕСИИТЕ ЗА ТЕЛЕВИЗИИТЕ – Немало содржини кои образуваат и воспитуваат вели Сиљановска-Давкова

ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА КОНЦЕСИИТЕ ЗА ТЕЛЕВИЗИИТЕ – Немало содржини кои образуваат и воспитуваат вели Сиљановска-Давкова
Фото: Претседател на РМ

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова во интервју за Јавниот сервис зборуваше за улогата на телевизиите и програмите што им се нудат на гледачите, нагласувајќи дека е неопходна појасна и посериозна државна стратегија во оваа област.

„Телевизиите со национални концесии речиси и да не создаваат сопствена програма во културната и научната сфера. Можеби токму таму е потребна поцврста стратегија,“ истакна таа, потсетувајќи на времињата кога преку телевизијата се нудеа квалитетни образовни, научни, документарни и особено културни содржини.

Таа се осврна и на уредувачката политика на телевизиите:

„Кога сакам да ги предизвикам вашите колеги, им велам – зошто да не почнете со вести од културата, потоа спортот, а политиката оставете ја за на крај. Се смеат и велат – не поминува тоа, не е конкурентно,“ рече претседателката.

Силјановска-Давкова нагласи дека е важно да се преиспита кому и зошто се доделуваат концесии и какви програмски стандарди се поставуваат.

„По медиумите често течат содржини кои ниту образуваат, ниту воспитуваат – туку знаат да нервираат или да поттикнуваат омраза. За мене тоа не е добро,“ додаде таа.

Во интервјуто таа потсети и на улогата на Македонската телевизија во минатото, која, според неа, знаела да ги едуцира и забавува младите на креативен и достапен начин.

„Никој не умееше подобро да ги научи децата на буквите, никој не презентираше документарни емисии со таков квалитет, а вестите беа беспрекорни,“ рече таа.

Според претседателката, иднината треба да ја градат „вистинските луѓе на вистински места“, особено кога станува збор за културни содржини:

„Оние кои живеат со уметноста и за уметноста треба да бидат тие што ќе ја претставуваат уметноста.“

Таа се заложи за поддршка на документарни проекти, јавни дијалози и промоција на млади автори, истакнувајќи дека „најдобро вложените пари, знаење и љубов се токму во уметноста и културата – тие остануваат трајна вредност.“

Во врска со медиумите, Силјановска-Давкова предупреди и за сериозноста на говорот на омраза:

„Во многу држави тој се санкционира и така и треба. Говорот на омраза, навредите и примитивизмот негативно влијаат врз младите, врз иднината, но и врз нашето здравје.“

На крајот, таа подвлече дека културата е темелна вредност во која мора да се инвестира.

„Имаме искуство, талент и историја. Нашата задача е да ја промовираме и да ја сочуваме таа вредност,“ заклучи претседателката.

CATEGORIES
TAGS
Share This