АМСМ СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА – Пожар во Јасен го блокира патот Македонски Брод – Скопје

АМСМ СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА – Пожар во Јасен го блокира патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје е затворен за секаков вид на возила. Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен, а поради летните одмори се бележи засилена фреквенција на возила. На ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30-40 минути, додека на останатите гранични премини нема подолги задржувања.

АМСМ апелира возачите да се движат со прилагодена брзина, строго да ја почитуваат поставената сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони. Особено ризични се делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

До 31 август останува во сила летниот режим на сообраќај, со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на викендите и во денови со екстремно високи температури. Забраната важи во следните термини: петок од 17:00 до 22:00 часот, сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот. Во денови со екстремни температури, определени од Министерството за здравство, таа ќе важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Исклучоци од забраната важат за возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта, опасни материјали, како и за оние што превезуваат материјали за изведување државни проекти.

На магистралниот пат А2, делница Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември е забрането движење на товарни возила потешки од 7,5 тони за време на викендите. Забраната важи во петок од 15:00 до 22:00 часот, сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот, и во недела од 07:00 до 22:00 часот. Мерката е воведена со цел намалување на застои, побрз проток на возилата и олеснето движење на туристите кон охридскиот регион. Исклучоци важат за возила со хуманитарна и леснорасиплива стока, жито, цвеќе и живи животни.

CATEGORIES
Share This