76 ГОДИНИ ОД ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА Заклетва дека нема заборав, Егејот живее во Македонија
Денеска сме собрани овде, во Катлановска бања, на ова свето место каде што почиваат коските на повеќе од 1.400 борци - сведоци на еден од најтешките и најтажните периоди од историјата на македонскиот народ.

Денеска (27.09.) делегација на Единствена Македонија по повод 76 години од Граѓанската војна положи цвеќе на споменикот во Катлановска Бања во спомен на згрижуваните и лечени ранети борци во Граѓанската војна во Грција. Притоа, на претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев му беше врачена плакета од страна на Републичкото здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за успешната соработка со Единствена Македонија.
Во изјава за јавноста претседателот на Единствена Македонија истакна:
Драги пријатели, почитувани гости, браќа и сестри од Егејот,
Денеска сме собрани овде, во Катлановска бања, на ова свето место каде што почиваат коските на повеќе од 1.400 борци – сведоци на еден од најтешките и најтажните периоди од историјата на македонскиот народ.

Овде, во овие простории, за време на војната беа згрижувани и лечени ранетите борци на Демократската армија на Грција во која голем дел биле Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Овде болката и надежта оделе рака под рака, а денес останаа спомените и нашата должност – да не заборавиме.

Оваа година се навршуваат 76 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција. Тогаш, десетици илјади Македонци беа принудени да ги напуштат своите родни огништа.

Околу 28.000 деца беа одвоени од своите родители, а повеќе од 40.000 возрасни беа растурени низ светот. Некои судбината ги врати овде, во Македонија, а други останаа далеку – но со срце што отсекогаш чука за оваа земја.

Денес, додека полагаме свежо цвеќе пред овој споменик, ние не полагаме само венци на сеќавањето – ние ја обновуваме нашата заклетва дека нема да дозволиме да згасне споменот за нивната жртва, болка и достоинство.

Колку и да се кажат зборови, тие никогаш нема да бидат доволни за да ја опишат тагата и незаборавот. Но, токму затоа сме тука – со песна за Егејот, со збор за дедовците и бабите, со љубов кон нивната жртва и со вера дека идните поколенија ќе ја продолжат оваа света нишка на сеќавањето.

Вечна слава на сите загинати и починати борци! Да живее Македонија и македонскиот народ!


