75 ГОДИНИ ДРЖАВЕН АРХИВ – Столб на македонското културно богатство
Евангелието на Лука е најстариот документ во македонскиот архив.

Државниот архив е столб на македонското културно и историско наследство, а неговата заштита и сочувување претставуваат голем предизвик. Еден од најстарите документи во неговиот фонд е Евангелието на Лука, кое потекнува од 12 век и било откриено во семејниот фонд на охридското семејство Робеви, истакнува во интервју за МИА директорот на Државниот архив, Димитар Богески.
На 1 април, Државниот архив ќе одбележи 75 години од своето постоење. По тој повод, како што посочува Богески, ќе бидат организирани изложби, промоции на книги и документи со цел афирмирање на архивските материјали и нивната улога во зачувувањето на општествената, историската и културната дејност во Македонија.
„Државниот архив на Македонија ја прославува 75-годишнината од своето основање во 1951 година со указ на тогашната Влада. Овој јубилеј е значаен и за институцијата и за државата, затоа што ни овозможува да се потсетиме на патот на развојот на архивската дејност, како и на генерациите луѓе кои придонеле за зачувувањето на архивската документација и изградбата на оваа институција“, нагласува Богески.
Директорот дополнува дека Архивот се соочува со неколку предизвици, меѓу кои се подобрување на просторните услови, примена на современи методи на конзервација и реставрација, како и дигитализација на документите.
„Еден од најголемите предизвици е обезбедување на простор за нови депоа. Исто така, значајна задача е конзервацијата и реставрацијата на архивската граѓа и поправка на оштетувања и враќање на документите во првобитна состојба. На крајот, дигитализацијата претставува клучен елемент, бидејќи со неа не само што се заштитува архивскиот материјал, туку и се овозможува неговата поголема достапност за научно-истражувачките цели“, објаснува Богески.


