700 ПРОИЗВОДИ ПОД ЛУПА Владата открива каде се креваат цените на храната

Пазарниот инспекторат ќе ги следи цените од фабрика до рафтовите, а резултатите се очекуваат за еден месец.

700 ПРОИЗВОДИ ПОД ЛУПА Владата открива каде се креваат цените на храната
Фото: Принтскрин

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека оваа недела ќе се одржи средба со производителите и дистрибутерите на прехранбени производи, со цел да се разгледаат можностите за намалување на цените на основните производи.

Средбата следува по неодамнешните разговори со трговците, а паралелно Пазарниот инспекторат веќе спроведува детална анализа на цените на производите од потрошувачката кошничка.

Во фокусот се 74 групи производи, односно околу 600 до 700 артикли, при што ќе се следи движењето на цените во целиот синџир – од производителите, преку дистрибутерите, па сè до трговците. Резултатите од анализата се очекува да бидат објавени за околу еден месец.

Дурмиши посочи дека целта е да се утврди дали постојат неоправдано високи маржи и на кои места се потребни дополнителни мерки. Според него, кај производите за кои претходно беа ограничени трговските маржи не се забележани значајни зголемувања на цените без реална економска причина.

Владата, како што најави министерот, ќе продолжи со координација со институциите, стопанските комори, производителите и трговците, а доколку се покаже потребно, повторно ќе бидат активирани законските механизми за заштита на животниот стандард на граѓаните.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи е еден од неговите приоритети. Тој најави дека анализата на стотици производи треба да покаже каде постои простор за дополнително намалување на цените.

Мицкоски потсети дека по средбата со најголемите трговски синџири е поставена цел инфлацијата кај основните прехранбени производи во јули да биде под 3 проценти, а за остварување на таа цел ќе следуваат разговори и со производителите и дистрибутерите.

ФАКТУРА ПО ФАКТУРА Мицкоски отвора истрага за цените во маркетите

CATEGORIES
Share This