507 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ВО ИГРА Денеска продолжува судењето за „Државна лотарија“
Артан Груби е меѓу осумтемина обвинети, а поранешниот директор Перпарим Бајрами и натаму е недостапен за органите на прогонот.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судскиот процес за наводните злоупотреби во АД „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Главната расправа претходно беше одложена за да им се овозможи на обвинетите и нивните бранители дополнително време за увид во доказите и подготовка на одбраната.
Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски тогаш оцени дека обвинетите треба да имаат доволно време да се запознаат со доказниот материјал и да предложат свои докази.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Тие најавија изведување на 231 материјален доказ, вештачења и сослушување на седум сведоци.
Според обвинителниот предлог на ОЈО Скопје, Груби и уште седум лица се обвинети дека во текот на 2023 и 2024 година, со пречекорување на службените овластувања, предизвикале штета на „Државна лотарија“ од над 507 милиони денари.
На обвинетите им се става на товар кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Првообвинетиот, поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, сè уште е недостапен за органите на прогонот. Во меѓувреме, Обвинителството бара продолжување на мерката куќен притвор за Артан Груби.

