50 КВАДРАТИ ЗА 380.000 ЕВРА Островот кој стана поскап од Миконос

Антипарос го презеде врвот, додека Халкидики останува многу попристапен за купувачите од Балканот.

50 КВАДРАТИ ЗА 380.000 ЕВРА Островот кој стана поскап од Миконос
Фото: Принтскрин

Грција годинава бележи силен интерес од странски купувачи на недвижности, особено за куќи и станови за одмор. Најголема побарувачка има за Халкидики, а значителен интерес постои и за Атина, предградијата на Солун и јужните предградија на Атика. Според податоците од платформата „Спитогатос“, во вториот квартал од 2026 година најголем интерес за грчки недвижности покажале купувачи од САД, Германија, Обединетото Кралство, Бугарија, Србија, Холандија и Швајцарија.

Особено се зголемува интересот кај купувачите со висока нето-вредност. Тие, според брокерите, повеќе не бараат само практична куќа за одмор, туку уникатни имоти со приватност, панорамски поглед и директна поврзаност со природата.

Антипарос го презеде врвот

Миконос веќе не е најскапата грчка островска дестинација. Во вториот квартал од 2026 година, просечната огласена цена на станбен квадрат на Антипарос достигнала околу 7.600 евра, со што островот го надминал Миконос. За стан од 50 квадратни метри тоа значи просечна огласена вредност од околу 380.000 евра. На Миконос просечната барана цена е околу 7.059 евра за квадрат, односно приближно 353.000 евра за 50 квадрати. На Парос квадратот достигнува околу 5.263 евра, па стан од 50 квадрати би чинел околу 263.000 евра.

Растот на цените на Антипарос во голема мера се поврзува со ограничената понуда. Во вториот квартал на пазарот биле понудени само 149 станбени единици, од кои 104 биле новоградби. Малата понуда и високата цена на новите луксузни објекти дополнително го зголемиле просекот.

Миконос, Парос, Санторини – луксузот има милионска цена

Најпрестижните грчки острови и понатаму се меѓу најскапите локации на Медитеранот. На Миконос цените на луксузните имоти достигнуваат до 12.000 евра за квадратен метар, додека на Парос имотите со поглед на море достигнуваат до 10.000 евра. На Санторини квадратот оди до 8.000 евра, а на Антипарос луксузните резиденции достигнуваат до околу 10.200 евра за квадрат.

Високи цени има и на Хидра, каде квадратот достигнува до 7.500 евра, и на Спецес, со цени до 6.500 евра. Во Пелопонез, Порто Хели се издвојува како една од најатрактивните локации за богатите купувачи и често се нарекува „грчкиот Сен Тропе“. Најлуксузните вили таму достигнуваат до 12.000 евра за квадратен метар.

Каде е најевтино?

Купувачите кои не можат да си дозволат најлуксузните острови сè почесто се насочуваат кон алтернативни дестинации. На Наксос цените достигнуваат до 5.200 евра за квадрат, на Сирос и Тинос до 5.000 евра, а на Андрос до 3.200 евра. На Родос најдобрите локации достигнуваат до 6.750 евра за квадрат, додека на Сими цените се пониски – до околу 3.900 евра.

Халкидики далеку попристапен

За купувачите од Македонија и Балканот, Халкидики останува една од најинтересните дестинации, а цените се значително пониски во споредба со најскапите грчки острови. Во вториот квартал од 2026 година просечната огласена цена во Ситонија изнесувала околу 3.000 евра за квадратен метар. Во Касандра квадратот бил околу 2.895 евра, додека во Неа Каликратија околу 2.513 евра.

Тоа значи дека стан од 50 квадрати, според просечните огласени цени, би чинел околу 150.000 евра во Ситонија, 144.750 евра во Касандра и 125.650 евра во Неа Каликратија. За споредба, истите 50 квадрати на Антипарос би чинеле околу 380.000 евра, односно повеќе од два и пол пати над просекот во Ситонија.

А што е со Охрид?

Споредбата со Охрид треба да се прави внимателно, бидејќи грчките податоци се однесуваат на огласени цени, додека македонските податоци се базираат на реално постигнати трансакции. Според Регистарот на цени и закупнини, просечната постигната цена во Охрид во првиот квартал од 2026 година била околу 1.184 евра за квадратен метар. Тоа би значело дека стан од 50 квадрати во просек би чинел околу 59.200 евра.

Сепак, премиум-локациите во Охрид можат значително да отстапуваат од просекот. Во вториот квартал била регистрирана продажба на стан во стара градба по цена од 3.200 евра за квадратен метар. Податоците покажуваат дека грчкиот пазар на недвижности продолжува да привлекува странски капитал, додека ограничената понуда на атрактивни имоти, особено на островите, создава дополнителен притисок врз цените.

Случајот со Антипарос е показател дека најскапите дестинации не мора секогаш да бидат и најпознатите. Ограниченото земјиште, малата понуда на имоти, новоградбата и силната меѓународна побарувачка го претворија некогаш тивкиот сосед на Парос во една од најскапите адреси за недвижности во Грција.

Линк ТУКА

CATEGORIES
TAGS
Share This