42-ТО МЕСТО ЗА МАКЕДОНИЈА Новинарството во сенка на дезинформации и партиски влијанија
Извештајот укажува дека и покрај тоа што новинарите не се изложени на класично непријателско опкружување, дезинформациите и нискиот професионализам ја разнишуваат довербата на јавноста.

Македонија е рангирана на 42-то место од вкупно 180 земји во светот на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“. Сепак, ова претставува уназадување од 6 места во споредба со минатата година, кога државата се наоѓаше на 36-тото место.
Извештајот укажува дека и покрај тоа што новинарите не се изложени на класично непријателско опкружување, дезинформациите и нискиот професионализам ја разнишуваат довербата на јавноста.
Дополнително, деградирачкиот однос на дел од државните функционери и политичкото влијание врз медиумите го отежнуваат опстанокот на критичкото новинарство.
Иако слободата на медиумите е загарантирана на хартија, реалноста покажува поинаква слика – со паралелни медиумски системи под влијание на владејачките и опозициските партии. Телевизијата останува главен извор на информации, но дигиталниот простор сè повеќе се претвора во извор на дезинформации и закани.
Политичките партии меѓусебно се обвинуваат за падот. СДСМ тврди дека слободата е загрозена со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ, додека од ВМРО-ДПМНЕ вината ја лоцираат кај СДСМ и нејзините политики.
И покрај падот, Македонија и Црна Гора бележат подобра медиумска слобода од некои членки на ЕУ како Грција, Бугарија и Хрватска, додека најтешки услови за новинарство се забележани во Србија, Косово и држави како Кина, Северна Кореја и Еритреја.


