25 ГОДИНИ БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД – Јубилејно издание на најголемиот младински фестивал во Македонија

Повеќе од 550 уметници од над 40 земји го обликувале духот на фестивалот

25 ГОДИНИ БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД – Јубилејно издание на најголемиот младински фестивал во Македонија
Фото: Принтскрин

Најголемиот и најдолговечен младински урбан фестивал во Македонија, „Битола отворен град“, оваа година го слави значајниот јубилеј – 25 години постоење. Фестивалот и во 2026 година ќе биде дел од Програмата за култура на Општина Битола, која неодамна беше претставена пред јавноста на тркалезна маса.

Во организација на Младинскиот културен центар – Битола, фестивалот со децении е платформа каде младите не се само публика, туку активни учесници во културниот и општествениот живот. Тој го негува духот на алтернативната уметност и урбаната култура, поттикнува културен активизам и придонесува за развој на културниот туризам во градот. Организаторите најавуваат дека јубилејното издание во 2026 година нема да биде формално одбележување, туку вистински градски настан кој ќе се слуша, гледа и памети.

До денес, фестивалот угостил над 550 уметници од повеќе од 40 земји и реализирал над 320 настани во јавни и алтернативни простори. На неговите сцени настапиле бројни регионални и домашни музички имиња, со посебно внимание на македонската алтернативна сцена.

„Битола отворен град“ е еден од најпрепознатливите симболи на МКЦ – Битола и еден од најпосетените урбани настани во регионот. И годинава, фестивалската програма ќе се одвива на отворени простори низ Битола, со фокус на младите и на урбаната култура која го прави градот жив.

CATEGORIES
Share This