17 ГОДИНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО „Илинден“ остана нем сведок на 15 изгубени животи
Бродот со 57 патници потона кај „Елешец“, а 15 бугарски туристи не успеаја да се спасат, 17 години подоцна, споменот на трагедијата сè уште живее.

Денеска се навршуваат 17 години од една од најголемите трагедии што се случиле на Охридското Езеро – потонувањето на бродот „Илинден“, во кое животот го загубија 15 бугарски туристи.
На 5 септември 2009 година, околу 10:30 часот, бродот пловел на релација Охрид-Свети Наум, превезувајќи 57 патници. На околу 250 метри од брегот, кај автокампот „Елешец“, бродот се превртел и потонал.
За дел од патниците, излетот на Охридското Езеро за миг се претворил во борба за живот. Во трагичната несреќа загинале 15 туристи, жители на општините Антон, Пирдоп, Златица, Мирково и Рибарица во Бугарија.
По трагедијата, „Илинден“ бил извлечен од езерските води на 19 септември 2009 година и одвлечен до каналот Студенчишта, каде што се наоѓа и денес.
Седумнаесет години подоцна, споменот на трагедијата сè уште не бледнее. Бродот „Илинден“ останува нем сведок на кобниот 5 септември 2009 година, денот кога Охридското Езеро од туристичка дестинација се претвори во место на тага за 15 семејства.

