ЗИМСКИ УСЛОВИ НА ПАТИШТАТА – Воведени забрани за тешки товарни возила
Нема подолги задржувања на граничните премини, сообраќајот е со умерен интензитет

Поради врнежи од снег, од утрово се воведени забрани за сообраќај на неколку патни правци. Од 05:45 часот е воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар, од 09:40 часот за тешки товарни возила важи и на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево, во двата правца и од 09:20 часот забрана за тешки товарни возила и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка.
Денеска (01.02.) сообраќајот на државните патишта се одвива претежно по влажни коловози. На повисоките места во западните и југозападните делови од државата има мали остатоци од кашест снег на коловозот – информираат од Автомото сојузот на Македонија..
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, на Попова Шапка, во Маврово, како и на планинските премини Стража, Ѓавато и Пресека. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Од 15 ноември 2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на временските услови. Обврската трае до 15 март 2026 година.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за патнички возила и автобуси при влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина, почитување на сообраќајната сигнализација и зголемена внимателност, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде постои опасност од одрони. Ова особено се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево
Патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк Галичица, е затворен за сообраќај за сите видови возила во периодот од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година.

