ЖИВОТ ВО ЛУКСУЗ – Принцот Вилијам инкасирал милиони за една година

Финансискиот извештај за 2024–2025 година ги откри деталите за приходите на наследникот на престолот

ЖИВОТ ВО ЛУКСУЗ – Принцот Вилијам инкасирал милиони за една година
Фото: Принтскрин

Откриена е сумата што принцот Вилијам ја остварил во текот на 2025 година, а очекувано станува збор за астрономска бројка. Иако како наследник на британскиот престол не прима плата во класична смисла, принцот од Велс остварува милионски приходи преку управување со огромен приватен имот – Војводството Корнвол.

Војводството Корнвол е приватен имот основан во 1337 година од кралот Едвард III, со цел финансиска поддршка на наследникот на престолот. Денес, неговата вредност се проценува на околу 1,26 милијарди фунти, односно приближно 1,47 милијарди евра. Имотот се простира на околу 546 квадратни километри и е распоредeн низ 23 окрузи, претежно во југозападна Англија.

Откако Чарлс III стапи на престолот по смртта на кралицата Елизабета II, титулата војвода од Корнвол автоматски му припадна на принцот Вилијам, со што тој стана управител на имотот и доби пристап до неговиот главен извор на приходи.

Според најновиот финансиски извештај на Војводството, принцот Вилијам остварил приход од 22,9 милиони фунти, односно околу 26,8 милиони евра, во финансиската 2024-2025 година. Ова е неговата втора година како војвода од Корнвол. Иако сумата е нешто пониска во однос на претходната година, кога приходот изнесувал 23,6 милиони фунти (околу 27,6 милиони евра), таа и понатаму е исклучително висока.

Во извештајот се наведува дека приходот ги покрива сите трошоци поврзани со службените обврски, добротворните активности и приватните потреби на принцот Вилијам, неговата сопруга Кејт Мидлтон и нивните три деца – Џорџ, Шарлот и Луис.

Иако детална распределба на средствата не е објавена, познато е дека принцот доброволно плаќа данок на доход, иако членовите на британското кралско семејство формално не се законски обврзани на тоа.

Овие податоци доаѓаат по турбулентна година за британското кралско семејство. Јавноста сè уште е фокусирана на случајот со принцот Ендру, чичко на Вилијам, кој беше лишен од своите титули и кралски привилегии поради контроверзиите поврзани со неговите претходни контакти со финансиерот Џефри Епштајн.

CATEGORIES
Share This