ЗАСТОЈ ВО ИЗБОРОТ НА ДРЖАВЕН ОБВИНИТЕЛ – Пријавите сѐ уште не пристигнале

Рокот за доставување мислење до Владата изнесува 15 дена од приемот на пријавите

ЗАСТОЈ ВО ИЗБОРОТ НА ДРЖАВЕН ОБВИНИТЕЛ – Пријавите сѐ уште не пристигнале
Фото: Принтскрин

До Советот на јавни обвинители сѐ уште не се доставени пријавите од кандидатите кои конкурирале на огласот за избор на нов државен јавен обвинител. Претседателот на Советот, Башким Бесими, изјави дека Советот ќе постапи веднаш по формалното пристигнување на документацијата, во рамките на законски утврдениот рок.

„До овој момент пријавите не се доставени. Откако ќе пристигнат, Советот во рок од 15 дена ќе даде мислење за кандидатите“, изјави Бесими.

Тој посочи дека иако имињата на кандидатите веќе се познати во јавноста, Советот нема формално да објави информации сѐ додека не пристигнат официјалните пријави.

„Во принцип ги знаеме кандидатите, но одлука ќе донесеме дури по разгледување на доставената документација, на седница на Советот. Потоа, во законскиот рок, ќе ја известиме Владата“, додаде Бесими.

Иако официјална потврда сѐ уште нема, според изјави на дел од пријавените, кандидати за функцијата се актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и обвинителката од скопското Јавно обвинителство Лидија Раичевиќ.

По седницата на Владата одржана пред два дена, владината портпаролка Марија Митева соопшти дека е донесен заклучок со кој постапката за избор на државен јавен обвинител влегува во следната законска фаза и доставување на комплетната документација до Советот на јавните обвинители. Советот, согласно Законот за јавно обвинителство, има рок од 15 дена да достави мислење за секој кандидат до Владата.

По добивањето на мислењето, Владата утврдува предлог и го доставува до Собранието, каде новиот државен јавен обвинител се избира со најмалку 61 глас.

Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата нема право да предложи избор, а Собранието ќе мора да распише нов оглас.

Постапката следи по оставката на поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена во декември минатата година. Функцијата в.д. државен јавен обвинител моментално ја извршува Анита Тополова-Исајловска, со мандат ограничен на најмногу шест месеци, поради што изборот на нов носител на функцијата е неопходен во законскиот рок.

Во меѓувреме, денешната седница на Советот на јавни обвинители беше одложена на неодредено време поради немање кворум.

На дневен ред требаше да се најдат повеќе точки, меѓу кои записникот на Комисијата за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, по претставка поднесена од обвинителката Ленче Ристовска, како и одлучување по два дисциплински предмети. Советот требаше да донесе и одлуки за распишување огласи за избор на јавни обвинители во основните обвинителства во Ресен, Крива Паланка и Кочани.

CATEGORIES
TAGS
Share This