Застарените постапки за Мијалков и други 200 лица може да продолжат – доколку Сиљановска-Давкова ја слушне Единствена Македонија
На потег е Сиљановска - Давкова Гордана. Ќе биде на страната на Мијалков и дружината од околу 200 криминалци или на страната на правдата со продлжување на постапките

Единствена Македонија ја повикува Гордана Сиљановска Давкова да не го потпишува указот за Законот за измените и дополнувањата на Кривичниот законик, со кои Сашо Мијалков и други 200 лица се спасуваат од кривичен прогон поради застареност.
Предлагаме при враќање на законот во Собранието, Сиљановска Давкова да побара пратениците да му го вратат законот на Уставниот суд поради следните причини:
Во 2023 година, Владата на СДСМ донесе измени на Кривичниот законик со кои се спасија околу 200 лица од кривична одговорност поради настапена застареност.
Измените беа оспорени пред Уставниот суд, кој на 12 февруари лани одлучи да отвори постапка, но наместо да ги поништи измените, му даде рок на Собранието да одлучи.
Новите измени, усвоени вчера, важат за иднина, што значи дека Мијалков и останатите се „спасени“, но, ако се прифати нашиот предлог ќе има одговорност.
Доколку Сиљановска Давкова сега стави вето и го врати законот во Собранието, а пратениците го вратат законот на Уставниот суд, тогаш судот мора да донесе одлука. Да појасниме, поништувањето од страна на Уставниот суд доведува до неважност на измените на Кривичниот законик од моментот на нивното донесување (ex tunc) и се смета дека законските измени никогаш не постоеле, немаат правен ефект и се поништуваат правните последици што настапиле.
Според тоа, со поништувачката одлука на Уставниот суд ќе отпадне застареноста, а кривичните постапки против 200 лица, повторно ќе продолжат таму каде што беа прекинати. На пример, во случајот Мијалков – во фаза на жалба пред Апелациониот суд откако претходно беа донесени три осудителни пресуди од Основниот кривичен суд Скопје против Мијалков на вкупна казна затвор од 28 години и конфискација на украденото.
На потег е Сиљановска – Давкова Гордана. Ќе биде на страната на Мијалков и дружината од околу 200 криминалци или на страната на правдата со продлжување на постапките?

