ЗАПОЧНАЛО КАКО ЉУБОВНО ПАТУВАЊЕ, ЗАВРШИЛО СО УБИСТВО Британка се бори за слобода во Дубаи
Британката тврди дека дејствувала во самоодбрана по наводен физички напад, додека нејзиното семејство бара правда и истрага.

Британката Брук Џорџ од Кент се соочува со обвинение за убиство во Дубаи, откако наводно го усмртила мажот што го запознала преку Фејсбук. Нејзините застапници тврдат дека станува збор за чин на самоодбрана по физички напад, додека предупредуваат дека доколку биде прогласена за виновна, таа може да се соочи со исклучително тешка казна според законите на Обединетите Арапски Емирати.
Активистичката организација „Притворени во Дубаи“ (Detained in Dubai) побарала властите да ја третираат Џорџ како жртва на семејно насилство додека трае истрагата. Извршната директорка на организацијата, Радха Стирлинг, изјавила дека младата жена посегнала по нож откако била нападната.
„Таа се обидувала да се одбрани. Нејзиниот живот е целосно нарушен, а нејзиното семејство е во очај“, рекла Стирлинг.
Џорџ била уапсена на меѓународниот аеродром во Дубаи додека се обидувала да се врати во Велика Британија. Во моментов се наоѓа во притвор во затворот Бур Дубаи.
Според нејзиното семејство, пред апсењето таа им се јавила во паника и им кажала дека била физички нападната. Наводно, таа веќе имала организирано лет за враќање дома и се вратила во станот за да го земе пасошот, но таму повторно била нападната. Нејзината мајка, Тереза Џорџ, преку организацијата „Притворени во Дубаи“ изјавила дека ден пред инцидентот забележала промена кај ќерка ѝ.
„Не беше како обично. Беше потивка и не толку весела, но не ми кажа што се случува“, навела мајката.
Таа раскажала дека по нападот Брук била во состојба на силен страв.
„Плачеше неконтролирано. Можев да видам дека едното око ѝ било отечено и почнувало да се затвора“, изјавила Тереза.
Според семејството, Брук го запознала мажот преку Фејсбук, а потоа двајцата отпатувале во Дубаи на една недела. Таа првично го опишала патувањето како „најдобриот период од нејзиниот живот“, но подоцна, како што тврди семејството, неговото однесување се променило. Наводно, тој станал контролирачки и агресивен, а дополнителна вознемиреност кај Брук предизвикало тоа што ѝ резервирал еднонасочен билет за Дубаи.
Случајот сè уште е под истрага, а официјалните детали за инцидентот не се целосно објавени.


