ЗАПОЧНА ЈАВНИОТ ПОВИК ЗАНАБАВКА НА 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ нов чекор кон почиста животна средина
Владата го распиша јавниот повик за набавка на 120 електрични, еколошки автобуси, со што започнува значаен проект за модернизација на јавниот превоз и намалување на загадувањето.

Како што најави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, повикот е во согласност со Законот за јавни набавки, а компаниите имаат рок од 30 дена за доставување на понудите, односно до средината на јули.
„Овие автобуси ќе доаѓаат со станици за полнење, а планот предвидува на секои два автобуси да има по една станица. Тоа значи дека целиот систем е внимателно осмислен“, изјави Николоски на настанот за пуштање во употреба на реконструираниот регионален пат Понов мост – Богданци, каде присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
Според планираното, 80 од автобусите ќе бидат наменети за јавниот градски превоз во Скопје, додека преостанатите 40 ќе бидат распределени по општините низ државата кои имаат организиран јавен превоз.
„Со оваа инвестиција очекуваме значајно подобрување на јавниот превоз – побрз, поефикасен и, најважно, еколошки прифатлив. Целосно електричните автобуси ќе придонесат кон намалување на аерозагадувањето и ќе понудат модерна алтернатива на постојниот дизел возен парк,“ додаде Николоски, изразувајќи надеж дека на јавниот повик ќе се пријават повеќе компании и ќе се добие најповолна понуда.
Проектот претставува дел од владините напори за транзиција кон зелена мобилност и зајакнување на капацитетите на јавниот транспорт во урбаните и руралните заедници.


