ВРЕМЕТО ПРАВИ ПРЕСВРТ Денес до 37 степени, а попладне поројни дождови, грмежи и можен град
Македонија ќе се соочи со вистински временски контраст со пеколни температури во текот на денот, а попладне локално невреме со силен ветер, пороен дожд и услови за град.

Денешниот ден (1 јули) ќе започне со сончево и многу топло време, но попладневните часови носат нагла промена на временските услови, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според прогнозата, времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната дневна температура ќе достигне до 37 степени, што ќе го направи денот еден од најтоплите во овој период.
Сепак, во попладневните часови се очекува локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На одделни места можно е да се развие и краткотрајно невреме со појава на град.
Во Скопје ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер. Попладне и во главниот град се очекува нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во одделни делови од котлината постојат услови за краткотрајно невреме.
Метеоролозите препорачуваат граѓаните да бидат внимателни, особено во попладневните часови кога временските услови може брзо да се влошат.


