ВОВЕДУВАЊЕ ФОРМАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ДЕЦА НА ЛЕКУВАЊЕ – Најавено ново хумано поглавје во здравството и образованието

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за здравство Азир Алиу и Марија Вук, претседателка на НВО САНО, денеска на Клиниката за детски болести во Скопје најавија значаен чекор за децата кои се наоѓаат на долготрајно болничко лекување – формално воведување на основно образование во болнички услови.
Иницијативата има за цел да им овозможи на децата кои се лекуваат од сериозни заболувања, меѓу кои и канцер, да продолжат со своето образование без прекин, и покрај здравствените предизвици со кои се соочуваат. Со оваа мерка, децата кои престојуваат на Клиниката за детски болести ќе добијат пристап до прилагодена наставна програма и поддршка од професионални наставници.
„Ова не е само образовна иницијатива, туку и чин на грижа, инклузија и надеж“, истакнаа од Министерството за образование и НВО САНО. Програмата ќе се спроведува во координација со медицинскиот персонал, со цел да се усогласи наставата со терапиите и здравствените потреби на децата.
Ова е прв пат во земјата да се институционализира образованието во болнички услови, што претставува голем исчекор кон создавање на систем кој нема да ги исклучува најранливите деца од правото на образование.


