ВО СРБИЈА И БИХ НАЈМНОГУ ИСПРАТЕНИ ПАРИ ОД ДИЈАСПОРАТА Македонците од странство испратиле 310 милиони евра во 2024 година
Во Македонија личните трабнсфери од странство изнесуваат 2% од БДП, но бележат пад во последните години.

Во 2024 година, Македонците во странство испратиле во земјата 310 милиони евра, што претставува околу 2% од БДП. Иако земјата бележи суфицит во личните трансфери, апсолутните износи на дотациите во последните години покажуваат намалување: 319 милиони евра во 2023 година и 331 милион евра во 2022 година.
Во регионот, најмногу пари во апсолутни бројки испратила дијаспората на Србија – 4,47 милијарди евра, следуваат Босна и Херцеговина со 1,99 милијарди, Косово со 1,32 милијарди, Албанија со 1,28 милијарди и Црна Гора со 345 милиони евра.
Според податоците на Евростат, во 2024 година девет земји од ЕУ имаат суфицит во личните трансфери, меѓу кои Хрватска (2,6% од БДП), Бугарија (1,3%) и Португалија (1,2%). Спротивно на тоа, најголеми дефицити имаат Малта (-2,8%), Кипар (-0,9%), Белгија (-0,6%), како и Грција, Шпанија и Франција (секоја по -0,5% од БДП).
Личните трансфери испратени од жители на ЕУ кон лица надвор од ЕУ минатата година изнесуваат 52,1 милијарди евра, што претставува раст од 6% споредено со 49,2 милијарди евра во 2023 година. Во исто време, приливот на лични трансфери кон домаќинствата во ЕУ достигнува 14,8 милијарди евра, што е зголемување од 7% во однос на претходната година.
Во последните пет години е забележан значителен раст на одливот на лични трансфери – одливот се зголемил за 51%, додека приливот пораснал за 26%. Како резултат на тоа, негативното салдо на ЕУ во однос на земјите кои не се членки на ЕУ достигнува 37,3 милијарди евра во 2024 година.


