ВОЈНА НА МИЛИЈАРДЕРИТЕ Маск фрла бомби, Трамп возвраќа со нож во грб

Конфликтот кулминираше откако Трамп го обвини Маск дека станал „досаден“ и дека бил вознемирен од укинувањето на правилата кои бараа масовно производство на електрични возила.

ВОЈНА НА МИЛИЈАРДЕРИТЕ Маск фрла бомби, Трамп возвраќа со нож во грб
Фото: АФП

Американскиот претседател Доналд Трамп го засили судирот со милијардерот Илон Маск, предупредувајќи дека би можел да ги укине владините субвенции и договори со компаниите на Маск, вклучително и Tesla и SpaceX. Заканата доаѓа по серија јавни напади и меѓусебни обвинувања кои ја разгореа политичката и бизнис сцената во САД.

„Најлесниот начин да заштедиме милијарди долари е да ги прекинеме субвенциите и договорите со Елон. Изненаден сум што Бајден тоа не го направи досега“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.

Конфликтот кулминираше откако Трамп го обвини Маск дека станал „досаден“ и дека бил вознемирен од укинувањето на правилата кои бараа масовно производство на електрични возила.

„Го замолив да си оди. Тој полуде кога ја укинав политиката која на сила ги тераше луѓето да купуваат електрични возила кои никој не ги сака“, изјави Трамп.

Маск, пак, возврати дека не се противи на укинување на субвенциите, но повика на отстранување на „одвратниот отпад“ во буџетскиот предлог-закон, алудирајќи на, според него, непотребните федерални трошоци.

И покрај тоа што Маск важеше за еден од најмоќните сојузници на Трамп – дури предводеше и федерална иницијатива за намалување на владините трошоци и вложи околу 300 милијарди долари во поддршка на републиканската изборна кампања – односите меѓу двајцата се драматично влошија. Маск си замина од администрацијата откако успеа да намали едвај половина процент од федералните трошоци, наспроти првичната цел од 2 трилиони долари.

Во серија објави на платформата X, Маск тврдеше дека без неговата поддршка, Трамп немал да ја добие функцијата.

„Без мене, Трамп ќе ги изгубеше изборите. Каква неблагодарност“, напиша тој, додавајќи дека токму неговите пари и организација биле клучни во победата во држави како Пенсилванија.

Трамп возврати дека би победил и без него, потсетувајќи дека „многумина што ја напуштиле неговата администрација подоцна станале непријатели“.

Но најголемата бомба ја фрли Маск во четвртокот, кога тврдеше дека Трамп се наоѓа во тајните документи поврзани со Џефри Епштајн.

„Ова е вистинската причина зошто тие документи сè уште не се објавени. Зачувајте ја оваа објава, вистината ќе излезе на виделина“, напиша Маск.

Белата куќа остро реагираше. Портпаролката Керолин Левит ги отфрли обвинувањата како „срамни“, обвинувајќи го Маск за лична фрустрација. Таа додаде дека претседателот Трамп е фокусиран на донесување на историскиот закон за фискална стабилност.

Извори блиски до администрацијата потсетија дека Трамп уште пред неколку години го забранил Епштајн од одморалиштето Мар-а-Лаго, и дека дел од документите веќе биле јавно достапни. Во нив, името на Трамп се појавува во т.н. „летачки дневници“.

Потпретседателот Џеј-Ди Венс во меѓувреме јавно ја потврди својата лојалност кон претседателот:

„Претседателот Трамп направи повеќе од кој било за да ја заслужи довербата на движењето. Горд сум што стојам со него“, напиша тој, без да го спомене Маск.

Политичкиот конфликт сега се заканува да има директни последици врз договорите на SpaceX со владата, вклучително и проекти во рамките на американската вселенска програма.

Според аналитичари, оваа пресметка меѓу двајца од највлијателните луѓе во САД може да има долгорочни последици – не само врз бизнис договорите и политиката, туку и врз репутациите на двете фигури.

CATEGORIES
TAGS
Share This