ВО ДУИ ВРИЕ – ВЛЕН СО ЖЕСТОКИ ОБВИНУВАЊА Ахмети, Груби и Османи во нова битка за превласт
ВЛЕН тврди дека старата гарнитура во ДУИ повторно се пресметува меѓу себе, а најновиот случај со Артан Груби може да отвори опасна спирала за целото партиско раководство.

Од ВЛЕН обвинуваат дека во ДУИ повторно се продлабочуваат внатрепартиските поделби, а во центарот на најновите несогласувања ги посочуваат Али Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи. Според ВЛЕН, Ахмети повторно ја применува, како што велат, старата политичка тактика и од една страна да се обидува да го заштити Груби, а од друга страна преку него да создава притисок врз Османи.
Од партијата тврдат дека во ДУИ веќе подолг период постојат несогласувања околу идното раководење со партијата, при што Османи наводно смета дека Ахмети треба да се повлече за ДУИ повторно да стане конкурентна опозициска сила. ВЛЕН оценува дека токму во тој контекст треба да се гледа и актуелниот судир меѓу Груби и Османи, особено по отворањето на случајот поврзан со „Државна лотарија“.
Од ВЛЕН велат дека Груби преку свои поддржувачи веќе испраќа јавни пораки, оценувајќи дека неговите досегашни сојузници се дистанцираат од него. Според нив, Груби располага со информации кои би можеле да имаат сериозни политички последици за дел од актуелното раководство на ДУИ.
„Во Мала Речица не се спие мирно. Едни се плашат што знае Артан, други што може да каже, а трети веќе пресметуваат кого ќе повлече со себе“, наведуваат од ВЛЕН.
Од партијата дополнително ја обвинуваат ДУИ дека повеќе функционира како структура за заштита на партиските и личните интереси, отколку како политичка организација насочена кон решавање на проблемите на Албанците.
ВЛЕН тврди дека актуелното раководство на ДУИ има за цел да го зачува, како што велат, богатството стекнато преку корупција и злоупотреби, додека правата на Албанците ги користи како „совршено алиби“.

