ВЛАДО ЈАНЕВСКИ ДЕНЕС ЌЕ БИДЕ ПОГРЕБАН НА БУТЕЛ Ќе биде исполнета неговата последна желба

Обожавателите ќе имаат можност последен пат да се простат од легендарниот пејач во капелата на Градските гробишта од 10 до 11 часот.

ВЛАДО ЈАНЕВСКИ ДЕНЕС ЌЕ БИДЕ ПОГРЕБАН НА БУТЕЛ Ќе биде исполнета неговата последна желба
Фото: Принтскрин

Денес на Градските гробишта Бутел во Скопје ќе биде погребан легендарниот македонски пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски.

Обожавателите, пријателите и колегите ќе имаат можност последен пат да се простат од музичарот во капелата на гробиштата, во периодот од 10 до 11 часот, по што ќе следи погребната церемонија, информираше „Авалон продукција“.

Веста за смртта на Јаневски ја потресе македонската јавност. Еден од најпознатите автори и изведувачи на домашната музичка сцена почина по кратко боледување на 65-годишна возраст. Според неофицијални информации, една од последните желби на Јаневски била на вечниот починок да замине во облеката која ја носел на својот настап на фестивалот „Макфест“ во Штип со препознатливото сако и брош.

Токму „Макфест“ имаше посебно место во неговата кариера. Публиката засекогаш ќе ги памети неговите хитови „Чаирска романтика“ од 1993 година, со која освои второ место, како и „Еден бакнеж“ од 1994 година, песна со која настапи и на „Славјански базар“ во Белорусија.

По повеќегодишна пауза, Јаневски во 2023 година повторно застана на сцената на „Макфест“ со песната „Златни години“, покажувајќи дека неговата врска со музиката и фестивалот остана нераскинлива. Со неговото заминување Македонија загуби автор кој остави траен белег, а неговите песни продолжуваат да живеат како дел од музичкото наследство на земјата.

CATEGORIES
Share This