ВЛАДАТА УДИРА ПО ЦРНОТО БОГАТСТВО – Формиран Совет за конфискација на имот

Одлуката за формирање на Советот беше усвоена на вчерашната владина седница.

ВЛАДАТА УДИРА ПО ЦРНОТО БОГАТСТВО – Формиран Совет за конфискација на имот
Фото: Национал

Со новата Одлука на Владата е формиран Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, чиј претседател ќе биде заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи.

Во составот на Советот ќе членуваат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.

Од Кабинетот на вицепремиерот Фетаи информираат дека тој и натаму ќе обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.

„Континуираните процеси и стратешки одлуки се доказ за посветеноста на Владата во јакнењето на институциите и создавање услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот. Граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да ја користат преку нејзина социјална пренамена“, стои во соопштението.

Одлуката за формирање на Советот беше усвоена на вчерашната владина седница. Со тоа се воспоставува нова координациска алка на врвно ниво, која ќе ја надополни работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот – највисокото експертско тело во оваа област.

CATEGORIES
TAGS
Share This