ВЛАДАТА СПОЈУВА ДВЕ КЛИНИКИ – Создаден единствен центар за кардиологија и кардиохирургија

Подобра искористеност на капацитетите и поголема достапност на здравствените услуги

ВЛАДАТА СПОЈУВА ДВЕ КЛИНИКИ – Создаден единствен центар за кардиологија и кардиохирургија
Фото: Принтскрин

На предлог на Министерството за здравство, Владата на последната седница одржана на 24 февруари донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија со Државната клиника за кардиохирургија. Целта е да се обезбеди повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално користење на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.

Министерот за здравство, Азир Алиу, во својата писмена изјава истакнува дека спојувањето создава единствен терциерен центар за кардиоваскуларна медицина. Ова овозможува континуитет во дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика до интервентен и хируршки третман.

„Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, се создаваат предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот, истакнува министерот.

Спојувањето на клиниките ќе овозможи подобра искористеност на капацитетите, зголемување на бројот на интервенции и интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамките на единствена установа, без административни пречки или потреба од трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.

„Исто така, спојувањето ќе придонесе за развој во сегментот на едукација и истражување, со создавање обединет академски центар кој ќе понуди повеќе можности за обука на специјализанти и супспецијализанти, како и развој на научни програми, нагласуваат од Министерството за здравство.

CATEGORIES
TAGS
Share This