ВЛАДАТА РЕАГИРА Злоупотребата на болката не носи правда

ВЛАДАТА РЕАГИРА Злоупотребата на болката не носи правда

Владата на Република Македонија денеска реагираше на, како што ги нарече, „неточни и злонамерни“ информации што беа пренесени во дел од медиумите во врска со неодамнешната средба со роднините на загинатите во кочанската трагедија.

Во соопштението се наведува дека се прави „злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина“, со што се создава погрешна слика за вистинската намера на средбата која, според Владата, била организирана исклучиво со цел изразување сочувство и поддршка.

„Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив, дури и кога ќе има различни мислења“, стои во реакцијата, додавајќи дека ова не е прва, ниту последна средба со семејствата.

Од Владата потенцираат дека премиерот лично разговарал со секој од присутните роднини, изразил сочувство и покажал низа гестови и иницијативи кои, како што велат, не сакаат да ги изнесуваат во јавност од етички и човечки причини.

„Сведување на дискусијата на ‘здраво како сте’ и ‘колку чини’ не само што не ја отсликува вистинската природа на разговорот, туку е и навредливо и го извртува значењето на средбата, претставувајќи ја Владата во лажно и нечовечно светло“, се вели во соопштението.

Владата изрази сочувство за трагедијата и нагласи дека таа е болка не само за семејствата туку и за целата држава. Воедно беше истакнато дека институциите ќе продолжат да ги поддржуваат семејствата во рамки на своите надлежности, со цел да се обезбеди правда и каква-таква утеха.

На крајот од соопштението, Владата апелираше да не се политизира трагедијата и да не се суди врз основа на гнев или тенденциозни толкувања, повторувајќи го своето ветување дека ќе остане на страната на семејствата и ќе им помага со сета расположлива поддршка.

CATEGORIES
Share This