ЕВРОКОМЕСАРКАТА КАЛАС ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА Ќе се сретне со Мицкоски

Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, денеска престојува во официјална посета на Македонија, како дел од нејзината тридневна турнеја низ Западен Балкан.

ЕВРОКОМЕСАРКАТА КАЛАС ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА Ќе се сретне со Мицкоски

Целта на посетата е потврдување на посветеноста на ЕУ кон регионот и истакнување на приоритетите во областа на надворешната и безбедносната политика.

Како што информираат од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Калас ќе оствари средби со премиерот Христијан Мицкоски и членови на Владата, по што ќе следи заедничка прес-конференција. Во рамки на посетата, Калас ќе учествува и на отворањето на дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија, заедно со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, и министерот за одбрана, Владо Мисајловски. Настанот ќе се одржи во Министерството за надворешни работи со почеток во 14 часот.

Дијалогот е дел од Партнерството за безбедност и одбрана, потпишано во ноември 2024 година, и претставува значаен чекор во зајакнувањето на стратешката соработка меѓу Македонија и Европската Унија.

Во 14:30 часот, Калас и Мисајловски ќе го посетат седиштето на Балканската медицинска наменска сила (БМНС) во касарната „Илинден“. Таму ќе се сретнат со претставници на Постојаната организација на БМНС и ќе ја разгледаат медицинската опрема донирана од Европската Унија преку Европскиот мировен фонд (ЕМФ). Командантот на БМНС ќе одржи краток брифинг и ќе презентира дел од опремата.

Од 2023 година, ЕМФ има одобрено три билатерални пакети за поддршка за Македонија во вкупен износ од 38 милиони евра, со цел да се зајакнат капацитетите на Армијата на Македонија во различни области – логистика, инженерство, разузнавање, електронско војување, мобилност и медицинска поддршка. Дополнително, 6 милиони евра се наменети за поддршка на БМНС со теренска медицинска опрема.

Посетата на високата претставничка Калас ќе заврши со неформална средба со млади луѓе во Јуроп Хаус, каде ќе разговараат за улогата на младите во евроинтеграциските процеси и безбедносните предизвици во регионот.

Ова е втора посета на Калас на регионот откако ја презеде функцијата, по нејзината априлска турнеја низ Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина. Пред да допатува во Скопје, таа ги посети Белград и Приштина, како дел од нејзината мисија за продлабочување на политичкиот и безбедносен ангажман на ЕУ на Балканот.

CATEGORIES
Share This