ВИНОВЕН ЗА СМРТТА НА ФРОСИНА Васил Јованов доби 12 години затвор

Процесот привлече големо медиумско и јавно внимание, со бројни реакции во јавноста за прашањето на сообраќајната безбедност во Скопје.

ВИНОВЕН ЗА СМРТТА НА ФРОСИНА Васил Јованов доби 12 години затвор

Основниот кривичен суд во Скопје го прогласи Васил Јованов за виновен за сообраќајната несреќа во која трагично загина младата дизајнерка Фросина Кулакова. Судијката Снежана Марковска му изрече затворска казна во траење од 12 години, како и забрана за управување со моторно возило.

Несреќата се случи на 29 јануари оваа година на булеварот „Партизански одреди“, кога Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час. Тој ја прегазил Кулакова на обележан пешачки премин додека таа минувала на зелено светло. Од силата на ударот, младата девојка починала на лице место.

Во судницата, таткото на Фросина, Тодор Кулаков, револтиран од висината на казната, ја напушти салата со повик: „Судот е мафија!“.

Судијката Марковска образложи дека судот ги земал предвид и отежнителните и олеснителните околности. Меѓу отежнителните фактори беше и фактот што Јованов е веќе осуден на 3 години и 10 месеци затвор за неовластено производство на психотропни супстанции – казна која сѐ уште не ја издржал. Дополнително, Јованов има неколку прекршочни постапки поврзани со сообраќајни прекршоци, вклучително и возење под дејство на алкохол и непочитување на сообраќајните правила.

„Односот на обвинетиот е игнорантски, дрзок…“, рече судијката, посочувајќи дека Јованов, наместо да биде одвратен од законот, продолжил да го крши и додека чекал правосилност на претходната пресуда.

Меѓу олеснителните околности беа споменати возраста на обвинетиот – делото го сторил на 20 години, неговото признание на вина, изразеното жалење и сочувство, како и благодарници и дипломи што ги приложила одбраната. Судијката истакна дека кај Јованов постои чувство на вина и свест за последиците од неговите постапки.

На првото рочиште, Јованов ја призна вината и им се извини на родителите на жртвата.

„Разбирам за што сум обвинет. Виновен сум. Сакам да изразам најдлабоко сочувство кон целото семејство и да се извинам за тоа што го сторив“, изјави тој.

Процесот привлече големо медиумско и јавно внимание, со бројни реакции во јавноста за прашањето на сообраќајната безбедност во Скопје.

CATEGORIES
Share This