ВЕЛЕС ЌЕ СТАНЕ БЕЗБЕДЕН ГРАД – Камери насекаде од јули

Камерите ќе ги покријат главните сообраќајни артерии и критичните крстосници каде најчесто се случуваат незгоди.

ВЕЛЕС ЌЕ СТАНЕ БЕЗБЕДЕН ГРАД – Камери насекаде од јули
Фото: Национал

Секторот за внатрешни работи Велес започна со поставување камери на клучните улици во градот. Во тек е монтажа на кабли, метални сандачиња, столбови и самите камери.

Според СВР Велес, стартот на проектот „Безбеден град“ во Велес е најавен за крајот на јули годинава.

„Приоритетот за поставување на камерите се определува според прецизни критериуми за безбедност. Камерите ќе бидат поставени на главните сообраќајни артерии со поголема фреквенција на возила и пешаци, како и на клучните крстосници каде често се случуваат сообраќајни прекршоци, со цел зголемување на општата безбедност“, соопшти СВР Велес.

Бројот на локации ќе се прилагоди според потребите, со посебен фокус на „црните точки“ каде статистички се случуваат најмногу сообраќајки. Точните локации ќе бидат дефинирани по завршувањето на техничкото планирање, со цел целосно и ефикасно покривање на критичните зони.

Системот „Безбеден град“ од 1 февруари 2026 година веќе функционира во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10, каде се санкционираат возачите за прекршоци „фатени“ од камерите.

Во првата фаза, системот ги регистрира следните прекршоци како што се непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и возење со истечена сообраќајна дозвола.

CATEGORIES
Share This