ВЕЧЕРВА ВО СКОПЈЕ – Монодрама што ја освои светската сцена
Прва и последна соработка со прерано починатиот режисер Томаж Пандур оживува на сцената на МНТ.

Монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“, инспирирана од романот „Мариjиниот завет“ на Колм Тојбин, и омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур, вечерва ќе биде изведена во 20 часот на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје. На сцената ќе настапи Наташа Матјашец Рошкер, првенка на Словенечкото младинско гледалиште Марибор.
Оваа изведба следи по успешната претстава „Амадеус“ на Александар Поповски, која се одигра на истата сцена на 1 април.
На средбата со македонските медиуми, Матјашец Рошкер истакна дека монодрамата има посебно значење за неа, бидејќи претставува прва и, за жал, последна соработка со режисерот Пандур, кој прерано почина на 12 април 2016 година, токму за време на работењето на оваа претстава.
„Горда сум на себе и на СНГ, како и на ексдиректорот, што покрај трагичниот настан, целата екипа најде сила да ја доведе претставата до крај, користејќи ги неговите скици за сцената, костимите, плейлистата за музиката и забелешките на текстот. Му ја посветивме претставата и со големо задоволство можам да кажам дека ја играм веќе десетта година“ – рече Матјашец Рошкер.
Претставата „Безгрешна“ патувала речиси низ целиот свет, а вечерва, во Скопје, „кругот се затвора“, како што додаде актерката. Настанот е дел од јубилејната програма на МНТ, со која театарот го одбележува својот 81-ви роденден.
Во центарот на приказната е Марија, востоличена како Мајка Божја, која во оваа сценска адаптација добива интимна, поблиска и побогата форма. Преку исповедите на Марија, се раскажува нејзината вистина за настаните кои го промениле светот, преиспитувајќи ги големите идеи и потсетувајќи дека тие идеи остануваат живи само ако се доведуваат во прашање.
Драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија Пандур и Томаж Пандур, кој верувал дека „моќта на театарот се состои во ритуалите“, оставајќи неизбришлива трага во словенечкиот и светскиот театар.
„Тешко е да се заокружи неговата биографија. Пандур до крај остана верен на својот уметнички принцип и препознатлив стил, споделувајќи ги своите визии, соништа и стравови со соработниците. Од првата претстава „Шехерезада“ до последната „Фауст“, тој постојано експериментираше со квинтесенцијата на театарскиот материјал, истражувајќи ги односите меѓу човечкото и божественото, живите и мртвите, времето и просторот, конечноста и бесконечноста“ – велат од СНГ Марибор.
